Седум македонски интернационалци вечерва тргнуваат по трофејот во Лига Европа

Вечерва, од 18:55 и 21:00 часот стартува првото коло на најмасовното клупско натпреварување на УЕФА, Лигата на Европа. 48 екипи ќе се борат за престижниот трофеј, кој од пред две години има поголема тежина, бидејќи обезбедува и директно учество во Лигата на шампионите, следната сезона, што го направи ова натпреварување многу поинтересно и поквалитетно. 

Како и во изминатите сезона, така и во оваа, нашата земја ќе има свои фудбалери на терените ширум Европа. Овој пат седум македонски интернационалци ќе учествуваат во второто по ранг натпреварување на УЕФА. 

Ждрепката сакаше дури да гледаме и „македонски“ дуел, бидејќи дел од групата Д се Динамо Загреб на Аријан Адеми и Фенербахче на Ељиф Елмас. Токму со меѓусебен дуел двете екипи ќе ги започна настапите во Лига Европа, но најверојатно на терен нема да ги видиме двајцата репрезентативци, бидејќи Адеми сè уште се жали на повреда. 

Иван Тричковски одигра фантастични натпревари во квалификациите за Лига Европа и заедно со Даниел Мојсов успеаја да обезбедат групна фаза за АЕК Ларнака, која вечерва на свој терен ќе го пречека швајцарски Цирих. 

Видеотон на Бобан Николов групната фаза ќе ја започне со дуел против Бате Борисов, а овој натпревар се игра во Унгарија. Нашиот играч за врска одлично ја започна сезоната во домашниот шампионат и се очекува да биде во првиот состав на тренерот Марко Николиќ.

Екипата на Спортинг не успеа да го повтори ланскиот успех и учеството во Лигата на шампионите, па така друштво на горенаведените македонски фудбалери во Лига Европа ќе му прави и репрезентативниот бек Стефан Ристовски. Со заминувањето на Италијанецот Пичини, поранешниот фудбалер на Парма и Ријека е прв избор на тренерот Хосе Песеиро и засега добива само позитивни критики за своите настапи. 

Последниот македонски фудбалер кој е пријавен за настапи во Лига Европа е голманот на Арсенал, Дејан Илиев, но тешко веројатно дека младиот чувар на мрежата ќе добие шанса за настап од новиот менаџер на „топџиите“ Унаи Емери.