Сари: Навивачите фрлаа урина кон нас, да се прашувам јас не би играл во КЛ

Фудбалерите на Лацио беа елиминирани во „лудата“ група во Лигата на Европа во која сите четири екипи завршија со по осум бода. Сепак, лацијалите поради полоша гол разлика од Феенорд и Мидтјуланд завршија трети и ќе играат во плеј-офот на Конференциската лига на УЕФА. 

Тренерот на „бјанкочелестите“, Маурицио Сари, беше крајно незадоволен по натпреварот. Тој посочи дека домашните фанови се однесувале недолично, а исто така се пожали и од арбитражата.

„Судијата би го изнервирал секој човек. Тие нè третираа ужасно. Да бев јас претседател на тимот и да се прашував јас, воопшто не би играл во Конференциската лига.

Дочекот беше ужасен. Навивачите на Феенорд фрлаа урина кон нашата клупа. Тоа беше навистина иритантно“, кажа Сари.

Лацио ќе биде вклучен во ждрепката в понеделник за плеј-оф рундата против еден од второпласираните тимови во групите на Конференциската лига.