Само Струга е без Куп-титула, останатите знаат како се крева пехарот

По одлуката за службена победа на Шкендија над Шкупи поради нередите на „Чаир“, познати се сите учесници во полуфиналето од Купот на Македонија.

Покрај тетовчани, меѓу најдобрите четири се најдоа и екипите на Силекс (победа над Вардар по пенали), бранителот на тронот Македонија Ѓорче Петров (победа над Академија Пандев) и Струга Трим Љум (победа над Брегалница).

Од сите екипи, само Струга на Срѓан Захариевски е без Куп-титула. Лидерот во ПМФЛ ќе брка прво одличје и воедно прв трофеј во историјата откако се пласира во елитниот ранг на македонскиот фудбал.

Силекс зад своето име има три трофеја во Купот (1994, 1997, 2021), Македонија ЃП освои две титули (2006, 2022), слично е и со Шкендија (2016, 2018). Фудбалската федерација на Македонија наскоро ќе го објави датумот на жрепката.

Полуфиналните натпревари во најмасовното македонско клупско натпреварување ќе се играат напролет.