ВИДЕО: Самаке со ЕВРОГОЛ го растажи Шкупи и донесе бод за „лавовите“

Шкупи пропушти голема шанса за четврта победа во низа и во финишот остана без два бода гостувањето кај Македонија ЃП (1-1) во 13. коло од Првата фудбалска лига. Домашната екипа долго време заостануваше, а на крај сепак успеа да извлече реми, кое секако го задоволува тренерот Муарем Бајрами, со оглед на играта на неговите избраници на деншниот натпревар.

Почетокот на натпреварот донесе надигрување на средината од теренот. Испитувањето на силите траеше петнаесетина минути, кога беше креирана првата поголема шанса на натпреварот. По долги додавања, гостинските фудбалери со малку среќа му овозможија на Реналдо Цефас да се најде во добра позиција за закана. Јамајканскиот фудбалер шутираше ниско и кон поблиската статива, но голманот Христијан Стевковски интервенираше и исфрли во корнер. Следуваше нова прилика за гостите, овојпат Кристијан Ацковски биеше од далечина и ја испрати топката далеку над голот.

Прекините беа шанса за „лавовите“, кои беа во инфериорни позиција на теренот. По еден корнер, Кристијан Наумовски направи грешна проценка, а Емир Скендери имаше отворен пат кон голот, пред да реагира Мелос Бајрами и да ја отстрани опасноста. Фреди Алварез беше блиску да го отвори резултатот пред паузата. Темпото на игра падна, а Костариканецот се обиде, а топката за малку заврши покрај стативата. Притисокот на чаирчани се исплати во 45. минута, кога Владица Брдаровски центрираше, првиот удар на Цефас го одбрани Стевковски, а потоа од вториот обид погоди Сандеј Адетунџи (1-0).

Шкупи отвори подобри и во продолжението. Адетунџи од непосредна близина со глава пропушти шанса за 0-2. Фудбалерите на Македонија ЃП беа без реакција во продолжението. Минималната позитива гостинот ја одржуваше со рутинска игра во одбрана и по некоја шанса на спротивната страна. Бразилецот Матеус Ламос можеше да израмни, но упати млак удар и не успеа да ја израдува домашната публика на дваесет минути до крајот. Се чекаше до самиот крај за втор погодок. Ѓорчепетровци ја казнија пасивноста на ривалот и се изборија за 1-1, во последните минути од мечот. Стрелец на прекрасниот погодок за домаќинот беше Адама Самаке.

Струга Трим Љум има 26 бода и стои на врвот на табелата во ПМФЛ, а потоа следуваат Шкупи и Шкендија со по 22 бода.