Роналдо ќе ја отслужи казната, за Ал Наср ќе дебитира на 21 јануари

Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо ќе дебитира за новиот клуб Ал Наср на 21 јануари во натпреварот од 14. коло на професионалната лига на Саудиска Арабија против Ал Итифак.

Роналдо пред два дена беше промовиран во Ријад како ново засилување на Ал Наср. Навивачите на овој клуб очекуваа португалскиот фудбалер да дебитира за новиот клуб на денешниот натпреварот против Ал Таи.

Сепак, Роналдо ќе мора да пропушти два натпревари поради суспензијата изречена од ФА додека настапуваше за Манчестер Јунајтед. Португалецот доби суспензија на два натпревари откако му го скрши мобилниот телефон на момче со аутизам, додека го напушташе теренот по натпреварот против Евертон во Ливерпул.

Португалецот немаше време да ја одлежи казната, бидејќи одлуката е донесена еден ден по раскинувањето на договорот со Манчестер Јунајтед. Според прописите на ФИФА, играчите кои не ја одлежале суспензијата во претходните лиги мора да ја „одлежат“ казната во новиот шампионат.

Ал Наср ќе се соочи со Ал Шабаб на 14 јануари, а една недела подоцна против Ал Итифак. Роналдо потпиша договор со Ал Наср до јуни 2025 година и треба да заработува 200 милиони евра по сезона.