Ристовски: Верувам дека по ЕП, можеме да играме и на СП, единствен проблем е...

Репрезентацијата на Македонија за првпат се пласираше во бараж за едно Светско првенство, па по настапот на Европското, има шанса да испише нова историја. Завршувајќи на второто место во квалитетната квалификациска група со сигурност беше добро за моралот, самодовербата и атмосферата во тимот. 

Во разговор за хрватските медиуми, капитенот Стефан Ристовски го коментираше историскиот пласман во доигрувањето за Мундијалот. 

„Сè уште сум во кома. Македонија претходно никогаш не била во ситуација да се бори за Европско или Светско првенство. Обично во групите собиравме шест-седум бодови, но во последно време сè се промени. Имаме профил на играчи кои сакаат да напредуваат, сакаат исполнување на големи цели. Успеавме да играме на Европско првенство, а еве сега сме и во завршна битка за Мундијалот во Катар. Ние имаме квалитет, тимот заслужува ваков успех. 

Во вакви лоши времиња само спортот обединува, а особено фудбалот. Затоа се радувам дека ние успеавме да го израдуваме македонскиот народ.

Јас верувам дека можеме да играме во Катар, сите веруваме во тоа. Има само еден проблем, поради картони нема да може да игра Елмас, но ќе ни се врати Аријан Адеми, а тој навистина ни значи. Само сите да бидеме здрави, а потоа по пласманот на Европското првенство, постојат шанси да заиграме и на Светското првенство...“, изјави Ристовски. 

Капитенот на Македонија секогаш е оптимист, пред секој натпревар со било кој ривал најавува борба и никогаш не се предава, па така се очекува да биде и во баражот за пласманот во Катар. 

За потсетување, Македонија во полуфиналето ќе игра против Португалија, Италија, Русија, Шведска, Шкотска или Велс, а ждрепката за патот до Мундијалот ќе се одржи следниот петок (26 ноември).