Ристовски: Рапид е цврст и игра на контри, мора да сме перфектни

Стефан Ристовски ќе биде во тимот на Динамо Загреб за важниот европски натпревар против Рапид Виена. Пред средбата, Македонецот истакна дека хрватските „модри“ мора да бидат перфектни, ако сакаат резултат против ривалот кој игра на контри.

„Го анализиравме Рапид и знаеме што не чека. Се работи за екипа која има доста цврста одбрана и чека на контри. На мојата страна игра играч кој им е одличен техничар и кој ги користи двете нозе. Но, ако ние влеземе во мечот како што треба, мислам дека нема да имаме проблем. Знам дека секогаш треба да се биде максимален, но фудбалот е таков, ако ти не го направиш тоа, противникот ќе го направи. Прав пример за тоа е мечот на „Рујевица“ каде дури во второто полувреме го видовме вистинскиот Динамо“, изјави Ристовски.

На овој натпревар тренерот Крзнар нема да може да смета на Аријан Адеми кој е повреден. Дуелот меѓу Рапид и Динамо Загреб во Виена се игра од 18:45 часот.

Динамо Загреб по две одиграни кола има една победа и еден пораз и се наоѓа на второто место во групата Х од Лигата на Европа, додека Рапид Виена е последна и има два порази со гол-разлика 0-3.