Ристовски патува за Украина, „Стемфорд Бриџ“ ќе ги пречека Николов и Видеотон

македонски интернационалци

Денес на програмата е 2. коло од групната фаза во Лига Европа, а неколку македонски интернационалци се очекува да запишат настап за своите екипи.

Десниот бек на Спортинг, Стефан Ристовски, заедно со тимот ќе патува за Украина каде ќе се сретне со Ворскла, која загуби на воведниот меч од сезоната. Португалците се фаворити за трите бода, особено по одличното издание на домашен терен против Карабах во првото коло. 

Бобан Николов и неговиот Видеотон ќе имаат исклучително тешка задача кај Челзи, кој важи за еден од главните фаворити за титулата во натпреварувањето. Македонскиот репрезентативец одигра 78 минути на дуелот со БАТЕ, кој заврши со негативен резултат за унгарскиот претставник.

Турски Фенербахче доживеа шок на отворањето на сезоната, кога загуби убедливо на гостувањето во Хрваска кај Динамо Загреб. Елиф Елмас беше дел од целиот натпревар, кој важеше за едно од изненадувањата во воведното коло. Младиот талент се очекува да добие шанса и на денешната средба против Трнава на кој Фенербахче нема право на грешка.

Натпреварите се играат во два термини, од 18:55 и 21:00 часот.