ВИДЕО: Ристовски одигра цел меч, Спортинг и Бенфика ремизираа на „Да Луж“

Во големото дерби на португалскиот шампионат, фудбалерите на Бенфика, во рамките на третото коло на својот „Да Луж“ спасија бод, ремизирајќи 1-1 (0-0) против тимот на Спортинг, за кој цел натпревар одигра нашиот Стефан Ристовски.

Ристовски имаше неблагодарна задача да внимава на брзоногите Пици и Серви, но добро си ги заврши своите обврски. Први се заканија гостите со ударот со глава на Уругваецот Коатес. Следеше можност на Фереира и удар од далечина на Жадсон Фернандез. 

Играта стана груба и се почесто главниот судија се решаваше да санкционира со жолти картони. Првиот дел заврши со по една шанса на двете страни, но ударите на Бруно Фернандез и Пици завршија за малку крај головите.   

По еден час калкулации, во 63. минута главниот судија Годино покажа на белата точка по прекршокот на Диаз врз Џеферсон Монтеро. Новиот капитен на Спортинг Лисабон, Нани пеналот го претвори во гол и го измами Влаходимос за гостинско водство (0-1).  

По примениот погодок, фудбалерите на Бенфика беа далеку подобар ривал, за разлика од Спортинг, кој беше ориентиран на чување на предноста, а тоа му се освети во самиот финиш на мечот. Се играше 86. минута, Феликс го искористи одличниот центаршут од Силва и израмни на 1-1, резултат кој на крајот беше и конечен.

Во наредното коло Спортинг го пречекува тимот на Фериеренсе, а Бенфика гостува кај Национал.