ВИДЕО: Ристовски ќе игра уште едно финале, Спортинг го елиминира Порто од Купот

Во финалето на португалскиот фудбалски Куп ќе играат Спортинг Лисабон и Авеш, а победникот на Лига Купот, екипата на нашиот Стефан Ристовски ќе има шанса за уште една титула сезонава. Спортинг го надополни поразот од 1-0 од првиот натпревар и откако победи со идентичен резултат, по изведувањето на пенали славеше со 5-4. 

Порто на „Жозе Алвеладе“ дојде со минимална предност од 1-0, но избраниците на Серџо Консеисао воопшто не се бранеа, напротив, имаа свои опции преку Соарес и Брахими. Во последниот половина час Жорж Жесус го засили нападот, продолжија центаршутеви кон Бас Дост, но резултатот не се менуваше. Стефан Ристовски беше заменет во 72. минута и во игра влезе Пичини. 

Во 85. минута по една голема гужва пред Касиљас, најдобро се снајде Уругваецот Коатес и ја втурна топката во мрежата за 1-0 и продолженија. 

Oткако немаше возбудување во продолженијата, пеналите го решија патникот во финалето. Одлучувачко беше промашувањето на Иван Маркано во првата серија, а Фреди Монтеро беше автор на одлучувачкиот гол во петтата серија. Во мечот за титулата на Купот на Португалија за три недели Спортинг ќе биде голем фаворит против Аваш, кој со две победи го елиминира Калдаш.