Ристовски: Германците не нè спуштија на земја, немаме широчина да ги замениме првотимците

Македонија загуби од Германија на домашен терен и направи чекор назад во борбата за пласман на Мундијалот.

Стефан Ристовски, капитенот на нашата репрезентација, смета дека резултатот не треба да чуди, со оглед на квалитетот на противникот.

„Не би рекол дека нè спуштија на земја, веднаш по средбата кога ги победивме Германците, реков дека мораме веднаш да го заборавиме резултатот. Тогаш направивме вистинска сензација. Немаме играчи како Хрватска, немаме таква широчина која ни дозволува да замениме некој од стандардните играчи. Видовте, кога Адеми излезе од игра, веднаш беше јасно дека ни недостига и дека не можеме да го надоместиме неговото отсуство“, вели Ристовски.

Членот на Динамо Загреб беше блиску до Аријан Адеми при дуелот со Каи Хаверц, по кој нашиот играч за врска се повреди.

„Уф, изгледаше гадно. Кога го слушнав крикот на Адеми, си помислив: „Ова е лошо, само да нема нешто скршено“. Беше навистина страшно, за среќа, го видов во клубот, оди нормално, претпоставувам дека ќе биде добро и брзо ќе закрепне. Сите знаеме колку ни недостига, тој е од голема важност за Динамо, нема да ни биде лесно без него“, изјави дефанзивецот.

Во ноемврискиот прозорец Македонија ќе ги одигра последните две средби од квалификациите. Победите против Ерменија и Исланд ќе бидат императив, ако сакаме да се надеваме на освојување на второто место во групата.