• Иван Димовски

Македонија ќе го започне второто издание од Лигата на нациите, каде во рамките на втората група во Лига Ц, ќе се сретне со Ерменија која е добар познаник.
На прес-конференцијата пред натпреварот, дефанзивецот на сениорската селекција Стефан Ристовски изјави дека добро се сеќава на последниот меѓусебен дуел со еременската репрезентација.
„Распоредот е густ, но немаме многу причини да бараме алиби. Што е тука е. Нè чека нов циклус во Лигата на нации кој ќе се одигра во посебни услови предизвикани од коронавирусот. Сите се сеќаваме на последниот пораз во Ереван и тоа ни е мотивација да одиграме подобро на овој натпревар на домашен терен. Недостатокот на публика ќе биде проблем, но досега се навикнавме да играме во новите услови“, рече десниот бек.
Прес-конференцијата на Ангеловски и Ристовски пред натпреварот против Ерменија:
Нашата репрезентација во втората група се најде со Ерменија, Грузија и Естонија, а по саботната средба која започнува во 15:00 часот, ќе патува во Грузија за дуелот од второто коло.
Следниот репрезентативен прозорец е резервиран за плеј-оф дуелите од минатото издание на Лигата на нациите, каде Македонија ќе игра полуфинале против Косово на 8 ноември.