Ристовски: Да имавме поспремни глави ќе извлечевме поволен резултат

Македонската фудбалска репрезентација првпат е поразена дури на четвртото гостување во квалификациите. Поразот во Варшава, по трите бода во четвртокот во Скопје против Словенија сигурно не го задоволуваат селекторот Ангеловски, бидејќи шансите за пласман на Европското првенство сега се загубени.

Стефан Ристовски по натпреварот на „Националниот стадион“ во Варшава изјави:

„Не можеме да бараме Европско првенство со само две победи. Вакви натпревари бараат одговорност, бараат игра кон напред. Примивме еден гол од полуконтра, втор од инвидуална мајсторија но Полска не ја гледам како посилен ривал од нас. Да имавме поспремни глави можевме да извлечеме друг резултат.

Овие фудбалери заслужуваат респект. Не треба да бараме алиби, не играше Барди, не играше Адеми...На вакви натпревари пред 60.000 гледачи треба да го покажеме правото лице“.  

Утре со чартер лет од Варшава македонската експедиција се враќа за Скопје, а голем број од репрезентативците ќе се упатат директно во своите клубови.