Ристовски: Атмосферата е одлична, секогаш ни е драго кога играме за Македонија

Репрезентацијата на Македонија в петок ќе ја одигра првата од две предвидени пријателски средби во Турција. Противник ќе биде Финска, која ќе биде и прв предизвик за избраниците на Игор Ангеловски во 2018 година.

Подготовките на нашите репрезентативци се во полн ек, имаат прекрасни услови за работа во Анталија, а играчот на Спортинг Лисабон, Стефан Ристовски, смета дека целта на ваквите собири е меѓусебно зближување и подобрување на репрезентатвината атмосфера.

„Јасно ми е дека од нас се очекува да бидеме во вистинска форма за натпреварите од Лига на нации, но на овие контролни дуели добиваме слика за тоа што нè чека во иднина. Мислам дека е важно да го засилиме карактерот на тимот низ овие пресметки и да продолжиме да работиме. Атмосферата меѓу нас е одлична, секогаш ни е драго кога се враќаме во дресот на Македонија и овие десетина дена ќе ги искористиме и за поголема комуникација и поголемо зближување. Секако, се надевам дека ќе бидеме на ниво и на натпреварите против Финска и Азербејџан", изјави Стефан Ристовски.

Мелот против Финска ќе се одигра на „Глорија арена“, в петок со почеток од 17.00 часот по македонско време.