Пулишиќ отпадна, но во дербито со Арсенал се очекува деби на Лукаку

Кристијан Пулишиќ нема да му биде на располагање на Томас Тухел за викенд-дербито против Арсенал во второто коло на Премиер лигата. Американецот е позитивен на вирусот ковид-19 и ќе биде во задолжителна изолација. 

Тухел го потврди тоа на прес-конференцијата, а за тоа порака до фановите напиша и самиот Пулишиќ. 

„За жал, позитивен сум на тестот за ковид-19 и нема да играм в недела. За среќа, вакциниран сум со две дози, немам никакви симптоми. Едвај чекам да се вратам во акција, ви благодарам на сите за поддршката“, напиша фудбалерот. 

Сепак, одлични вести за фановите на Челзи е достапноста на Ромелу Лукаку. Белгиецот тренираше цела седмица со новите соиграчи и според тоа што го кажа Томас Тухел, би требало да биде во составот против Арсенал. 

Иако Челзи нема да смета на услугите на Пулишиќ, за лондонското дерби ќе биде сериозно засилен, со најскапото засилување во клупската историја.