ВИДЕО: Пред 12 години на „Бернабеу“ се вееше македонското знаме – Пандев ја освои ЛШ!

На денешен ден пред дванаесет години Горан Пандев стана третиот Македонец кој успеа да го освои трофејот од Лигата на шампионите, откако во финалето во Мадрид неговиот Интер славеше победа од 2-0 над германскиот гигант, Баерн Минхен. 

Тогаш Интер беше предводен од Жозе Мурињо, а нашиот поранешен репрезентативец, иако беше новајлија во тимот, беше еден од клучните играчи во таа сезона на „нераѕурите“.

Во финалето, одиграно на „Сантијаго Бернабеу“, Пандев истрча од првата минута, а двата гола беа дело на Диего Милито, од кои сè уште се зборува за вториот, кога со велемајсторски дриблинг му ја „скрши“ кичмата на Ван Бајтен и рутински реализира. 

Таа сезона, покрај одличјето во Лигата на шампионите, Пандев се закити и со трофеите од Серија А и Купот на Италија. Струмичанецот во Интер остана до 2012 година, одигра 47 натпревари во кои постигна шест гола, а тоа лето премина во редовите на Наполи.