• Иван Димовски

Второлигашот Воска Спорт во своите клупски простории и на теренот на стадионот „Билјанини Извори“ му беше домаќин на англиската фудбалска легенда, Брајан Дин. Поранешниот репрезентативец на Англија, како и член на многу премиерлигаши го посети Охрид, беше дочекан од сопственикот Нефи Усеини, а беше примен и од градоначалникот Кирил Пецаков и делегацијата.
Дин беше во дводневна посета на Охрид, се запозна со инфраструктурата и фудбалските услови на Воска Спорт, како и убавините на македонскиот бисер крај Охридското езеро. Поранешниот фудбалер се запозна и со фудбалерите, беше присутен на еден тренинг и прокоментира дел од виденото.
„Во Охрид сум на покана на Нефи Усеини, да ја видам инфраструктурата, да дадам свое мислење. Низ кариерата играв во Англија и Португалија и бев тренер во Норвешка, а тоа се различни искуства. Можам да ги споделам своите искуства за развојот на младите фудбалери, со Нефи и неговиот тим. Тој има проект со млади играчи, важи за амбициозен ентузијаст кој го сака најдоброто за локалната заедница.
Тука сум прво и основно да ја видам ситуацијата, нема ништо конкретно. Прво да бидеме пријатели и да ја започнеме работата оттука. Од моја гледна точка, ова е одличен клуб и сакам да го пренесам искуството и знаењето. Ќе видиме дали можам да помогнам, со задоволство би го пренел моето знаење“, рече Дин.
Покрај посетата на фудбалските капацитети и градската општина, Дин доби и тура низ Охрид, ги виде убавините на градот и ги посети сите знаменитости. Инаку низ кариерата Брајан Дин настапуваше за повеќе англиски екипи како Лидс, Шефилд, Мидлзброу, Лестер, Вест Хем, Сандерленд, додека во странство играше кратко за Бенфика и Перт Глори.
Воска Спорт се обрати преку официјално соопштение, извести за посетата на англиската легенда и најави дека во текот на следната година се очекува уште една делегација од Англија во Охрид.