Пеп: Голот на Халанд е идентичен како на Кројф против Атлетико

Борусија Дортмунд на Един Терзиќ како ретко кој го намачи Манчестер Сити на „Итихад“ во натпревар од Лигата на шампионите, но со пеколен финиш и два гола во последните десет минути екипата на Гвардиола стигна до пресврт и победа од 2-1.

Посебно впечатлив беше голот со акробација на Ерлинг Халанд, со кој „граѓаните“ стигнаа до победа. Овој погодок го потсети каталонскиот стручњак на еден историски гол на неговиот ментор, Јохан Кројф. 

„Во моментот кога Ерлинг го постигна акробатскиотј гол, помислив: „Ах, исто како Јохан Кројф“. Јохан постигна таков гол за Барса против Атлетико Мадрид. Тој ми беше ментор, учител, најзаслужен за тоа што сум денес.

Ибрахимовиќ можеше да ја крене ногата до кров, а сега и Ерлинг е сличен на него. Со својата еластичност и флексибилност има можност да ја удри топката и да ја смести во мрежата. Тој е многу снажен и се прашувате како може некој толку висок да има таква флексибилност. Но, Ерлинг тоа го има. Тоа е нешто што му е дадено од неговите мајка и татко“. рече Гвардиола.

Норвежанецот има ретко виден просек во евро-куповите, бидејќи на 21 натпревар за Салцбург, Борусија Дортмунд и Манчестер Сити постигна 26 гола во Лигата на шампионите.