Пелистерци желни да отпочнат нова победничка серија

Продолжува трката на четири екипи за две места кои директно водат во Првата лига и едно место кое носи бараж. Пелистер ја прекина серијата од четири победи по ред (три пролетва и една на крајот од есенскиот дел) со ремито во Гостивар, но планира да отпочне нова позитивна серија.

Првиот натпревар во кој се очекува реакција на тимот на Бобан Бабунски е дуелот со Охрид утре попладне.

„Го респектираме Охрид, мотивирани сме и со поддршка на домашната публика и „Чкембарите“ верувам дека можеме до нови три бода“, рече левиот бек Филип Миленковски.

Во иста линија натпреварот го најави и десниот бек Томе Китановски. 

„На секој натпревар атакуваме на победа, посебно на домашен терен. Ќе дадеме се од себе да освоиме три бода, кои се многу битни за нас. Секој натпревар за Пелистер е финале и императив се трите бода. Верувам дека ќе ги освоиме утре попладне“, вели Томе Китановски. 

Натпреварот меѓу Пелистер и Охрид се игра утре од 14:00 часот, а за главен судија делегиран е Стојанче Стојанов.