• Мартин Танасковски

Македонската фудбалска легенда Горан Пандев освои „триплета“ со Интер во 2010 година и во интервју за италијанските медиуми говореше за ноќта во Мадрид. Струмичанецот кој ги обедини титулите во Серија А, Копа Италија и Лигата на шампионите раскажа како тимот го доживеал најголемиот успех.
„По обединувањето на трите титули сите бевме пијани. Се вративме на „Џузепе Меаца“ во шест часот наутро, пиевме само пиво во авионот. Мојот син се роди еден месец пред тоа, застанав до домот да го поздравам семејството, па забавата продолжи со пријателите со вино и шампањ. Успехот беше неверојатен, дојдовме до големо нешто“, изјави Пандев.
Популарниот Гранде Пандев имаше и пофалби за Весли Снајдер, а раскажа и анегдота за Самуел Ето.
„Снајдер е играчот со најголема визија за фудбалот кој некогаш сум го сретнал. Ми намести два до три гола пред празна мрежа. Во 2010 година ја заслужи „Златната топка“.
Самуел Ето? Пред финалето во Мадрид, Самуел ни кажа – „финалињата не се за да се играат, финалињата постојат за да се победуваат, затоа што на крајот се паметат само победниците“, заврши тој.
Легендарниот Пандев ја заврши кариерата во редовите на Парма, а остави голема трага во Серија А каде играше за Џенова, Наполи, Интер, Лацио, Анкона и Специја. Од останатите земји, тој играше за Беласица во Македонија кој е негов матичен клуб, како и турски Галатасарај, неговата единствена кратка авантура надвор од Италија во професионалната кариера.