Пандев емотивен: Во себе носам големо богатсво на емоции, сакам сите да ве гушнам!

По повеќе од дваесет години професионален фудбал, еден од најдобрите спортисти во историјата на Македонија, Горан Пандев, денес и официјално стави крај на својата богата играчка кариера.

39-годишниот струмичанец својата пензија ја соопшти во интервју за „Газета дело Спорт“, а на социјалните мрежи објави видео од неговите најубави и најважни голови и со емотивна порака им се заблагодари на сите за поддршката.

„Погледнувам назад и сè уште не ми изгледа реално. Ова беше неверојатно патување. Толку многу емоции носам во себе и сакам да ги споделам со сите што ме поддржуваа на ова патување. Им благодарам на моето семејство, сопругата Надица, децата Филипо, Ана и Софија кои ми беа најголема поддршка.

Им благодарам на моите родители и на мојот брат што ми овозможија да го остварам мојот сон. Им благодарам на сите мои фанови, од прв до последен сакам сите да ве гушнам. Завршува едно прекрасно поглавје. Во мене носам едно големо богатсво со емоции . Со цело мое срце... Горан“, напиша Пандев.

  • Објавата на Горан Пандев на социјалните мрежи:

Последен клуб на нашиот ас е Парма, каде ја мина ланската пролетна полусезона, а претходно остави длабок траг во Џенова, Наполи, Лацио и Интер.