Пандев држи рекорди, а симболично, најважниот гол го даде во Тбилиси!

Македонската фудбалска икона, Горан Пандев и официјално е во фудбалска пензија. Иако овој податок беше одамна познат, сепак струмичанецот утрово првпат јавно проговори на оваа тема. Тој го потврди конечното повлекување како играч, но не ја исклучи можноста во иднина да работи на друга фудбалска функција. 

<<< - ПОВРЗАНО - Легендата рече крај: Горан Пандев замина во фудбалска пензија!

За репрезентацијата на Македонија, Пандев е рекордер во повеќе сегменти. Се наоѓа на врвот според бројот на настапи со 122 во својата кариера, а за време на истите постигна 38 погодоци, носејќи го националниот дрес. Струмичанецот дебитираше на шести јуни 2001 година во квалификациското реми за Мундијалот со Турција под водство на Среќко Катанец. Цели 20 години Пандев играше за Македонија, во последните пет беше капитен, наследувајќи го Томе Пачовски, а влезе во историјата како прв кој ја повел земјата на еден голем собир. 

Пандев даде 38 гола за националниот тим, но без сомнеж најважен беше тој на 12 ноември 2020 година, на гостувањето во Тбилиси кај Грузија. Македонија го доби дуелот со минимални 0-1 и се пласираше на историското Европско првенство. До повлекувањето Пандев стрелаше уште двапати, во големиот триумф над Германија (1-2) во Дуизбург и на стартот на континенталниот собир со Австрија. Низ репрезентативната кариера струмичанецот погодуваше против селекции како Шпанија, Холандија, Чешка, Норвешка, Данска... Интересно, најмногу голови Пандев даваше во пријателските натпревари, дури 22 на 40 настапи. Во квалификациите за Мундијалите стрелаше осум пати, на патот кон Европските првенства четири, во Лигата на нациите три и еднаш на континенталниот собир. Притоа, Пандев собра и 18 асистенции. 

  • Голем дел од погодоците на Пандев за Македонија:

Симболично, официјалната потврда за пензијата која веќе беше одамна најавена доаѓа на ден пред клучниот натпревар на Македонија против Грузијците во Лига на нации. Овојпат ќе го нема Пандев, а Милевски има и доста проблеми. Сепак, Елмас, Барди, Трајковски, Алиоски и Димитриевски треба да ја поведат селекцијата до нов успех. На Македонија ѝ е потребна победа од три или повеќе голови разлика за да останат надежите за првото место.