Пандев: Беласица е наша гордост и треба да ја чуваме уште илјада години!

Со ретко виден спектакл, еден од најтрадиционалните македонски клубови, Беласица од Струмица, прослави сто години постоење. Со церемонија, пригодни свечености и гости и фудбалски натпревар против Брегалница, струмичани потврдија колку им значи Беласица. 

Пред почетокот на натпреварот, претседателот на Беласица, Славчо Васков-Пинда му додели признание на Горан Пандев, кој во голем стил и со пригодни зборови го честиташе роденденот.

„Чест и задоволство ми е што сум тука. Сите знаат што претставува Беласица за мене, но и за цела Струмица. Беласица е гордост за сите нас и треба да ја чуваме уште илјада години. Посакувам што побрзо да влезе во Прва лига и да обезбеди настап во Европа“, рече пред присутните на стадионот „Благој Истатов“ нашата најголема легенда. 

Поради проблеми со електричната енергија, натпреварот доцнеше час и половина, а на крајот славеа гостите од Штип со 1-2.