• Мартин Танасковски

Дерби-дуелот на колото во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) меѓу екипите на Воска Спорт и Пелистер доби нов термин по барање на Министерството за Внатрешни Работи (МВР) по најавената посета на политички функционери на Охрид, а тоа ќе биде голем удар за охриѓани.
Натпреварот наместо овој викенд ќе се игра на 22 март со почеток од 15:00 часот, а тоа ја остави Воска Спорт без најдобриот играч. Фудбалерот кој игра во најдобра форма од екипата, Бехар Фета, тогаш нема да може да му биде на располагање на тренерот Берат Имери.
Крилниот играч кој има најмногу голови во досегашниот дел од сезоната ќе биде со У21-тимот по покана на селекторот Драган Канатларовски, на турнејата во Анталија, Турција. Ако мечот се играше во предвидениот термин, Фета ќе беше тука, но поради фактот дека У21 заминува на контролите во недела навечер, Воска ќе мора без најдобриот.
Бехар Фета има 15 гола во дресот на Воска Спорт во досегашниот дел од сезоната. Македонија У21 ќе игра пријателски натпревари со Летонија и Финска на 23 и 25 март.