ВИДЕО: Незаборавна ноќ во Лисабон, Спортинг го шокираше Тотенхем во ЛШ

Екипата на Спортинг Лисабон пререди изненадување на стартот на второто коло од Лигата на шампионите и пред својата публика со сигурни 2-0 (0-0) го совлада составот на Тотенхем.

  • Извештај од натпреварот:

Англискиот гигант беше голем фаворит во Португалија, но не го покажа тоа на терен. Конте фантастично пазареше ова лето и својот ростер го засили со доста квалитетни и искусни фудбалери, кои знаат како да играат вакви натпревари, а не вроди со плод ниту дополнителниот одмор на „петлите“, откако поради смртта на британската кралица викендов беше одложено комплетното коло во Премиер лигата.

На претполниот „Жозе Алваладе“ домашниот тим беше подобриот противник на терен. Спортинг го имаше поседот на топката и креираше неколку колосални шанси за погодок, но искусниот Уго Лорис вечерва имаше брилијантен настап. Францускиот чувар на мрежата го одигра најдобриот овосезонски натпревар, забележа три „пантерски“ интервенции, но попушти во самиот финиш, кога Паулињо со глава биеше неодбранливо за „експлозија“ на трибините и водство на Спортинг од 1-0. Но, тоа не беше максимум од репертоарот на домаќините, затоа што Артур Гомез по одлична соло акција го шокираше Тотенхем и ги постави конечните 2-0.

Со денешните три бода, Спортинг за првпат во историјата на Лигата на шампионите сезоната ја започнува со две победи, додека Тотенхем ја прекина серија од тринаесет натпревари без пораз во сите натпреварувања.

Состави

Рубен Амурим

3-4-2-1