Наумоски: Марко ја сака Македонија, сигурен сум дека не е расист!

Вербалниот конфликт на Марко Арнаутовиќ и Езџан Алиоски и Егзон Бејтулаи на мечот меѓу Австрија и Македонија ја обиколи Европа. На големо се пишува за зборовите кои ги кажал Австриецот кон нашите репрезентативци, а на таа тема разговаравме со Илчо Наумоски.

Некогашниот центарфор на македонската репрезентација, а сегашен тренер, во моментов е во Австрија каде е ангажиран како стручен коментатор. Gol.mk стапи во контакт со Наумоски кој најдобро го познава австрискиот фудбал, а тој ни кажа нешто за Марко Арнаутовиќ и негово мислење за ситуацијата.

„Марко е растен со нас, го познавам и сме многу блиски. Тој е се, само расист - не. Арнаутовиќ ја сака Македонија, сигурен сум во тоа, живеел со Македонци, Срби, Хрвати, Босанци, Албанци... тука во Виена, близок пријател е со Џердан Шаќири, со кого играше во Стоук, така што сигурен сум дека не е расист. Зборовите кои се кажани можеби се во афект, на спортските терени често спортистите избувнуваат при некој дуел или вербално кошкање. Приказната сигурно има две страни. Како и да е, да не бидам погрешно разбран, уште еднаш сакам да потенцирам, Арнаутовиќ е се, само расист не“, ни ја прокоментира ситуацијата Наумоски директно од Австрија.

Поранешниот репрезентативец го прокоментира и првиот натпревар против Австрија, кој Македонија го загуби со 1-3. Вели дека играта била храбра и дека со таков пристап, како во првите 70 минути, може да се надеваме на резултат против Украина.

„Одигравме доста храбро и Горан Пандев го даде тој прв историски гол на дебито на Европското првенство. Загубивме сила и немавме малку среќа по тие центаршутеви да издржиме уште 12-тина минути, па да дојдеме и до прв историски бод. Но, сепак, ако продолжиме вака, имаме шанси да ја изненадиме Украина. Мора да веруваме во себе и самоуверено да играме против секого до крајот на ова Европско првенство“, додаде Наумоски.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го пријави овој случај во УЕФА, а од „куќата на фудбалот“ најавија дека ќе ги разгледаат снимките и дисциплинецот ќе одлучи. Доколку УЕФА процени дека постои расизам или навреди на верска, национална или сексуална основа, тогаш напаѓачот го чека висока казна, која вели најмалку десет натпревари казна.

Македонија е веќе во исчекување на дуелот со Украина и го заборави оној со Австрија. Вториот натпревар на првенството за „рисовите“ е в четврток со почеток од 15:00 часот.