ВИДЕО: Наполи испушти 0-2 кај Сасуоло, Милан фати приклучок на врвот

Фудбалерите на Наполи испуштија водство од 0-2 и одиграа реми (2-2) на тешкото гостување во Реџо Калабрија кај незгодниот Сасуоло. Пресметката од 15. коло на италијанската Серија А понуди доцна драма, бидејќи момците на Спалети испуштија победа, но за малку и не загубија на „Чита дел Триколоре - Мапеи“. 

  • Сасуоло - Наполи 2-2:

По прв дел без многу шанси и возбудувања, на терен беше испратен Ељиф Елмас. Наполи заигра подобро по паузата, со погодоците на Фабиан Руиз и Дрис Мертенс поведе со 0-2 до 60. минута по асистенциите на Зиелински.

Сепак, Сасуоло уште еднаш покажа дека е „пеницилин“ за гигантите. Џанлука Скамака во 72. минута ги врати домаќините во игра, за потоа во 89. минута стоперот Ферари да израмни на 2-2. На одушевување на присутните на стадионот, Сасуоло направи и целосен пресврт и Дефрел стрелаше за 3-2 во 93. минута, ама поради спорен прекршок на Берарди, по преглед на ВАР снимката, голот беше поништен. 

Рутинска победа без многу пот запиша Милан на гостувањето на „Луиџи Ферарис“ кај Џенова (0-3). За првпат против својот поранешен клуб како тренер, Андриј Шевченко не успеа да приреди изненадување.

  • Џенова - Милан 0-3: 

Милан рано поведе со мајсторскиот гол на Златан Ибрахимовиќ директно од слободен удар во десеттата минута. Во продолжението, Жуниор Месијас успеа да постигне два гола, во втората минута од судиското продолжение на првиот дел и во 61. минута за лесно славје на гостинскиот тим. Горан Пандев мина половина час на теренот против Милан, ама не успеа да му помогне на својот тим.

По петнаесет рунди во калчото Наполи е лидер со 36 бода, пред Милан со 35 и Интер со 34. На четвртата позиција е Аталанта со 31 бод, која веќе викендов гостува под Везув.

Состави

Алесио Дионизи

4-3-3

    Лучијано Спалети

    4-3-3