Му пропадна трансфер во Нотингем, па стана соиграч на Алиоски

Приказната на Мичи Батчуаји со Челзи веројатно и конечно е готова. 28-годишниот Белгиец е член на „сините“ од 2016 година, меѓутоа никогаш не доби вистинска шанса иако беше платен 39 милиони евра. За Челзи напаѓачот одигра 77 натпревари, даде 25 гола и запиша шест асистенции. 

Во текот на вчерашниот ден Батчуаји требаше да стане нов член на Нотингем Форест, односно нивно 22 засилување. Сепак, Челзи поради презафатеност со останати зделки не ја испрати навремено документацијата и трансферот пропадна. Батчуаји веднаш најде нов ангажман, откако се договори со Фенербахче и ќе му стане соиграч на Езџан Алиоски. 

Турскиот клуб го следеше играчот веќе некое време, ама Батчуаји даде предност на премиерлигашите. Сепак, откако му пропадна трансферот во Нотингем, Белгиецот ќе се врати во турската Супер лига, каде што играше и лани на позајмица во Бешикташ. 

Засега не е познато дали Фенербахче ќе го откупи Батчуаји, меѓутоа позајмица е невозможна бидејќи има уште само 12 месеци од договорот со Челзи. 

https://www.gol.mk/fudbal/klubovite-ne-se-shtedea-ova-leto-anglichanite-...