• Иван Димовски

Последниот натпревар од вонредното коло во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) меѓу Караорман и Тетекс заврши со славје на стружани од 1-0 (0-0). Дуелот на „Градскиот стадион“ во Струга се одигра ден подоцна од останатите, а веројатно причината е дербито во прволигашката конкуренција, кое се играше на истиот терен вчера.
Пресметката меѓу стружани и еден од „давениците“ во Втората лига не понуди премногу убавина, шанси и привлечна игра. Решен беше со единствениот погодок на Дебрешлиоски, кој падна во 67. минута од натпреварот. Тетекс беше немоќен, немаше сили да се врати и го „положи оружјето“ крај езерото.
Караорман дојде до седмата сезонска победа и се наоѓа на безбедно место на средината од табелата. Струшкиот клуб има 26 бода, додека Тетекс е петнаесетти со 11 бода на контото. Првото „безбедно“ место на „штофарите“ им е оддалечено шест бода, а го држи Локомотива.
В недела во рамките на 20. коло Караорман гостува на „Борис Трајковски“ во Маџари против Вардар, а Тетекс ја пречекува Локомотива.