Милан, Реал Мадрид и Баерн Минхен првпат во иста сезона освојуваат домашна титула

Милан Реал Баерн

Реал Мадрид се израдува на трофејот во Примера, Милан ја покори Италија, а Баерн Минхен одново заврши на врвот во Бундеслигата.

Овие три европски гиганти имаат големи успеси во минатото, но запишаа интересен заеднички успех на крајот од тековната сезона. Никогаш не се случило овие три екипи да освојат првенствена титула во иста сезона. 

Мадриѓани беа убедливи во домашниот шампионат и ја искористија лошата сезона на Барселона за рутински да запишат нов успех. Баварците ја продолжија доминацијата во Германија која трае цели десет години, а „росонерите“ конечно ставија крај на постот и освоија прв трофеј во Серија А по 2011 година.

До крајот на фудбалската сезона во Европа останува да се одиграат две финалиња. Мечот за титула во Лигата на шампионите, во кое силите ќе ги одмерат Реал Мадрид и Ливерпул, и последниот меч од Конференциската лига во која за трофеј ќе се борат Рома и Феенорд.