• Мартин Танасковски

Илија Матеничаров се враќа во матичната Беласица и во периодот кој следи ќе ја има улогата на потпретседател, истовремено ќе биде задолжен и за враќање на сјајот на младинските школи на фудбалскиот клуб.
За Матеничаров и неговата кариера во фудбалот се запознаени струмичани и цела македонска јавност и што тој може да ѝ понуди на Беласица. Претседателот Славчо Васков - Пинда му ја довери функцијата, преку која ќе има главна задача да ја врати старата, блескава и препознатлива младинска школа на ФК Беласица.
Фокусот се става на младинските категории во струмичкиот клуб во целост откако младинците изборија пласман во Суперлигата. Реорганизација, донесување на нови познати и талентирани тренери, како и подигање квантитативно и квалитативно на школата со нови талентирани фудбалери се низата предизвици со кои Матеничаров ќе се соочи во новиот предизвик.
Илија Матеничаров во два наврати беше тренер на првиот тим, првпат од 1999 до 2000 година, вторпат во периодот меѓу 2001 и 2002 година.