Мартинез: Како да му се потсмевам на Мбапе, кога ми даде четири гола во финалето?

Емилијано Мартинез ја предводеше Аргентина низ турнирот на Светското првенство во Катар со одличните партии. По завршувањето на финалето, голманот на Астон Вила ги провоцираше француските фудбалери, прво на доделувањето на наградите, а потоа имаше и испад при славјето во Буенос Аирес.

Чуварот на мрежата најде кукла со ликот на Килијан Мбапе која беше фрлена од страна на фановите, ја крена и се насмеа, па и тоа беше разбрано како провокација.

„Не сакав никого да повредам. Низ кариерата растев со Французи и никогаш немав проблеми. Можете да го прашате Жиру, со кого играв во Арсенал каква личност сум. Многу ја сакам француската култура и менталитет. 

Луѓето фрлаа кукли кон нас. Во тој момент пред нозе ми падна кукла со ликот на Мбапе, ја подигнав бидејќи ме насмеа, ја држев две секунди и ја вратив назад, тоа е сè. Како би можел да му се потсмевам на Мбапе? Па тој ми даде четири гола! Четири гола во финале...“, кажа Мартинез.

Дибу Мартинез ја доби „Златната ракавица“ во Катар, а ја имаше и веројатно клучната одбрана кога во судиското надополнување на второто продолжение му одбрани зицер на Коло Муани.