ВИДЕО: Лукаку ја израдува Белгија, Италија сигурно до плеј-оф во ЛН

Фудбалската репрезентација на Белгија славеше над Данска (4-2) во дербито во групата 2 и патува во плеј-офот од Лигата А во Лигата на нациите на УЕФА.

  • Белгија - Данска 4-2:

„Црвените ѓаволи“ во Брисел повторно покажаа зошто се најдобрата селекција во светот. Со четири гола во мрежата ја уништија залетаната Данска, а двигател до триумфот беше напаѓачот на Интер, Ромелу Лукаку.

Еден од најефикасните напаѓачи во светот даде два гола. По првиот дел по кој резултатот беше 1-1 по голови на Тилеманс и Винд, Лукаку стапи на сцена и во 57. и 69. минута ја израдува Белгија. Иако во 86. минута Шадли си постигна автогол и ја врати Данска во игра, сепак, Де Брујне минута подоцна ги реши сите дилеми.

Во дуелот за престиж, Англија го демолира Исланд (4-0) во Лондон. Двоен стрелец беше Фил Фоден во второто полувреме, додека во првиот дел во листата на стрелците се запишаа Рајс и Маунт. Исланд мечот го заврши без ниту еден шут во рамки на голот на противникот.

Потребна победа во рамки на групата 1 забележа Италија, која беше сигурна кај Босна и Херцеговина (0-2). „Аѕурите“ во Сараево до трите бода вредни плеј-оф ги водеа Белоти и Берарди, со по еден гол во двете полувремиња.

Пирова победа во групата 1 забележа Холандија на гости кај Полска (1-2). Јожвијак го отвори резултатот во првиот дел во Хорзов и донесе предност за домашните, но во 77. минута Депај погоди од пенал, а потоа Вајналдум ја продолжи страшната гол-серија и донесе триумф за „лалињата“.

Во плеј-офот во Лигата А се е подготвено за ждрепката. Покрај Италија и Белгија, на завршницата се наоѓаат уште Шпанија и Франција.