Крај на голема кариера: Франк Рибери оди во фудбалска пензија!

Француската фудбалска ѕвезда, Франк Рибери ја завршува својата играчка кариера. Членот на Салернитана ќе побара спогодбено раскинување на договорот, бидејќи го мачат проблеми со коленото. Поради повредата, искусниот Французин е принуден порано од планираното да ги „закачи копачките на клин“. 

Рибери минатото лето пристигна во клубот од Салерно, има активен договор до јуни 2023 година, но порано ќе биде прекинат. Самиот играч не сака да биде терет на Салернитана, која ќе може да ја искористи сумата која требаше да ја плати за Французинот на друг фудбалер. Оваа сезона Рибери одигра само 36 минути против Рома во првото коло, а потоа почнаа честите проблеми со повредите. Се очекува тој да остане во клубот, прво како консултант, со цел во иднина да дојде и до тренерското столче откако ќе добие УЕФА лиценца. 

Во својата кариера Рибери тргна преку Булоњ, па играше за Але, Брест, Мец, Галатасарај и Олимпик Марсеј, пред да се пресели во Баерн Минхен во 2007 година. Со Баварците француското крило освои сè, а според многумина требаше да ја добие и „Златната топка“ во 2013 година. Пред три години реши дека е време да замине од Минхен, дојде во Серија А и заигра за Фиорентина, пред минатото лето да се пресели во Салерно.

Сосема очекувано, Рибери најмногу се прослави во Баерн Минхен каде што беше дел од неверојатниот тандем со Арјен Робен. Французинот одигра 425 официјални натпревари за баварците, даде 124 погодоци и запиша 182 асистенции.