„Комити“ пак го спасија Вардар!?

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар почна со подготовки за продолжението на сезоната од Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ). Последен, ама важно тргна и закажа контролни средби.

Првата прозивка тренерот Бобан Грнчaров ја имаше на теренот во Кадино. Таму тимот се појави со изменет лик, затоа што неколку важни играчи од првиот тим како Попзлатанов, Маркоски, Христов... заминаа од клубот и си најдоа нови средини. Не е тајна дека Вардар има проблеми со финансиите веќе одредено време и дека постои револт кај играчите поради тоа. На стартот, играчите добиле мал дел од финансиите кои им се должат, но голем удел во тоа има и навивачката група „Комити“.

Засега нема информација од најверните вардарци, ама фановите на „црвено-црните“ повторно излегоа во пресрет и обезбедија финансии за играчите за да може да ги извршуваат редовните обврски. Јасно е дека нивната финансиска помош не може да ги покрие платите, ама секако дека гестот е огромен. Уште еднаш „Комити“ ја покажаа својата големина и љубов кон црвено-црните бои.

Може да се каже дека „Комити“ пак го спасија Вардар. Како што тоа го направија и претходно кога требаше помош, но и не само тогаш, туку секогаш се покажувале во вистинско светло кога биле најпотребни.

Вардар ќе ја темпира формата на три пријателски средби, против Скопје, Тетекс и Работнички. Тимот влезе во зимата како втор во ВМФЛ, веднаш зад лидерот и главен фаворит за промоција Гостивар.