Клупски, па репрезентативен блесок – никогаш не си играјте со „ѓаволите“!

Важат за европска фудбалска сила од втор ранг, веднаш зад најдобрите пет-шест шампионати, но во одредени периоди на седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, клубовите и репрезентацијата играле и главна улога. Белгија како земја со десет милиони жители, сепак има и повеќе од доволно одлична, признанија, трофеи, големи фудбалски имиња да се споредува со најдобрите. Впрочем како може поинаку да се толкува земја со олимписко злато, европска вицешампионска титула, трето и четврто место на Светски првенства, десетина европски финалиња со пет различни екипи. Белгија низ годините и децениите ги менувала блесоците на националните репрезентации и клубовите. Стилот на фудбал е комбинација на континентален фудбал, со најчесто холандско влијание, и островски и физички фудбал. 

Првиот посериозен успех на белгиската репрезентација беше бронзениот медал на фудбалскиот турнир на Олимписките игри во Париз во 2000 година. Во аматерско време на фудбалскиот спорт, Белгија впиша две победи и еден пораз и заврши на третото место, откако Универзитетот од Брисел загуби од Францускиот универзитет со 6-2. Најголемиот успех е остварен на домашен терен, на Олимписките игри во Антверпен во 1920 година. Финалето предизвика голем скандал, откако Чехословачка го напушти теренот при 2-0 за Белгија, откако англискиот судија Џон Луис го исклучи левиот бек Карл Штајнер. До тој момент белгиската надмоќ со голови  ја крунисаа Копи во шестата и Ларние во 30. минута. Тој резултат и денес е најголемиот успех на белгискиот фудбал во историјата. 

* Белгија игра полуфинале на Европско првенство во 1972 година

На почетокот на Европските првенства, Белгија играше значајна улога, развивајќи стил кој е микс на континенталниот и британскиот фудбал. Првиот позабележителен резултат беше третото место на Европското првенство токму во Белгија во 1972 година. „Црвените ѓаволи“ беа дел од завршниот турнир од четири репрезентации. Сепак, на 14 јуни 1972 во Брисел загубија од Западна Германија со 1-2, во натпревар со целосен блесок на големиот голгетер Герд Милер. Германскиот напаѓач ги постигна двата гола, а Полеунис го ублажи поразот. Слаба утеха за Белгијците беше третото место, освоено со победата против Унгарија со 2-1. Ламберт и Ван Химст, двете најголеми белгиски ѕвезди ги постигнаа головите за прв подиум на оваа селекција. Европски првак стана Западна Германија, со убедлива победа против Советскиот Сојуз со 3-0. 

Успехот на националниот тим ги разбуди најдобрите белгиски клубови, Андерлехт и Бриж. Првата европска клупска титула на еден белгиски клуб ја освои Андерлехт. Во Купот на победниците на Куповите, најтрофејниот белгиски клуб триумфираше во сезоната 1975/76. Откако ги елиминира велшкиот Врексам и германскиот Саксеринг Цвикау, закажа финале против Вест Хем. Финалето се играше на „Хејсел“, па Андерлехт се чувствуваше како на домашен терен. Тимот на Ханс Крун извојува победа над „чеканите“ од Лондон со 4-2. Холандската легенда Рензенбринк и Ван дер Елст постигнаа по два гола и Белгија прослави прв клупски трофеј во историјата. Истата година Андерлехт го преслуша европскиот првак Баерн Минхен и со две победи го грабна Суперкупот на Европа. Баерн со двата гола на Герд Милер победи на „Олимпискиот стадион“ во Минхен со 2-1, но на реваншот во Брисел, Рензенбринк, Хан и Ван дер Елст го срушија моќниот тим на Дитмар Крамер и со севкупни 5-3, Андерлехт стана супер-шампион. Истата таа сезона и Бриж дојде до европско финале. Во рамките на Купот на УЕФА, Ернст Хапел направи подвиг и најави дека в раце има моќен тим. Со две победи беше елиминирана Рома, па во полуфиналето и Милан, за место до финалето против Ливерпул на Боб Пејсли. На првиот натпревар на „Енфилд“, со головите на Ламберт и Кулс, Бриж двапати водеше. Но, Кенеди, Кејс и Киген од пенал го свртеа резултатот и со предност од 3-2 заминаа на реваншот во Белгија. И пред своите гледачи Бриж поведе со голот на Ламберт во 11. минута. Но, Кевин Киген четири минути подоцна израмни и Ливерпул го сочува ремито кое му беше доволно да го грабне трофејот. 

* Холандската ѕвезда Роб Рензенбринк во дресот на Андерлехт

И во сезоната 1976/77 Андерлехт доминантно се избори за финале на Купот на Куповите. Саутемптон и Наполи стоеја на патот на белгискиот клуб до финалето во Амстердам. Откако Гителс ги прескокна и овие пречки, во финалето наиде на Хамбургер исполнет со половина германска репрезентација. Волкерт и Магат ги постигнаа головите за триумф од 2-0 и прв европски пораз во финале на Андерлехт. 

Следната сезона 1977/78 се роди најтрофејната сезона на белгискиот фудбал во историјата. Андерлехт пак се избори за финале на Купот на Куповите, третпат по ред. На доминантен начин, со победи против Порто и Твенте, екипата на Рајмонд Гителс се избори за финале против Австрија Виена во Париз. Во нерамноправен дуел, белгискиот победник на Купот славеше со 4-0, со по два гола на Рензенбринк и Ван Бинст.

Првото и единствено финале на еден белгиски клуб во Купот на шампионите го одигра Бриж во таа сезона 1977/78. На патот до финалето белгискиот првак ги елиминира Нант, Атлетико Мадрид и Јувентус и потврди дека го заслужи финалето против Ливерпул. Данскиот голман Јенсен, Австриецот Кригер, Унгарецот Јалош Ку, белгиските репрезентативци Ликенс, Вандерејкен и Ламберт го сочинуваа костурот на екипата на легендарниот тренерски гениј Ернст Хапел. Сепак, „јаготката на шлагот“ беше данскиот мајстор Јан Соренсен. Финалето на „Вембли“ беше и повеќе од израмнето, Бриж имаше свои опции, но искусниот Ливерпул со голот на Кени Далглиш победи со 1-0 и ја започна серијата европски одличја. Неполни три месеци Андерлехт го одмазди Бриж и го освои Суперкупот на Европа, вторпат во историјата. Во единствено финале, играно пак во Брисел, белгискиот гигант го сруши европскиот првак Ливерпул со 3-1. Рензенбринк пак беше стрелец, а погодија и Веркаутерен и Ван дер Елст.  

* Белгија среде Рим ја елиминира Италија и обезбедува финале на ЕП 1980 година

Осум години по првиот подиум на Европско првенство, белгискиот национален тим стигна чекор подалеку. На Европското првенство во Италија во 1980 година, „ѓаволите“ пак се бореа за титулата со германската селекција. На турнир со осум репрезентации, Белгија беше прва во групата пред Италија и по системот на натпреварување се избори за финале со победникот во групата група, Западна Германија. Одлучувачки за првото место пред „аѕурите“ беше ремито без голови на 18 јуни 1980 на „Олимпико“ во Рим, па заради подобра гол разлика за злато играа Белгијците, а за бронза Италијанците. Финалето беше многу порамноправно отколку пред осум години. Робусниот напаѓач на Хамбугер, Хорст Хрубеш го отвори резултатот во првиот дел, а Вандерејкен израмни од пенал во 75. минута. Кога сите ги видоа продолженијата, Хрубеш на две минути до крајот ги постигна победоносниот гол и донесе втора европска круна за Германците (1-2). Таа генерација на белгиски ѕвезди остави трага во осумдесеттите години и во клупскиот и во репрезентативниот фудбал. Жан Мари Фаф беше еден од најдобрите европски голмани, се појави Ерик Герец, Ван дер Елст, Кулеманс, капинетот Кулс, споменатиот Вандерејкен и славниот белгиски тренер Ги Тајс. 

* Ѕвездата Винченцо Шифо на Светското првенство во Мексико 1986 година

Зрелоста на генерацијата стигна шест години подоцна на Светското првенство во Мексико. На овие одлични фудбалери им се приклучи еден генијалец. Винченцо Шифо беше сензацијата на тоа првенство и човек кој го одбележа белгискиот фудбал повеќе од една деценија. На тоа првенство во 1986 година многу натпревари го заслужија епитетот антологиски. По тешката групна фаза и третото место во група со Мексико и Парагвај, низ иглени уши Белгијците влетаа во осминафиналето. Таму го одиграа првиот историски натпревар и го совладаа Советскиот Сојуз со 3-4 по продолженија. Игор Беланов постигна хет-трик за Советите, а Шифо, Кулеманс, Демол и Класен го свртеа резултатот во Леон и обезбедија големо четвртфинале. Таму „ѓаволите“ ги чекаше моќната Шпанија, предводена од „Кинта де Бутре“. Во тактички дуел Белгија долго водеше со голот на Кулеманс, но Сењор израмни на пет минути до крајот. Откако 1-1 гласеше резултатот и по продолженијата, пенал рулетот го даде полуфиналистот. Фаф го одбрани ударот на Елои и донесе прво полуфинале на Светско првенство за Белгија. Во дуелот со огромен влог, уморната Белгија капитулира пред моќниот Марадона, автор на два гола (еден генијален) и мораше да се задоволи со натпревар за третото место. И дуелот со Франција за бронзата беше вистинска фудбалска убавица. „Петлите“ славеа со 4-2 по продолжение, а Кулеманс и Класен пак беа стрелци за Белгијците. Ги Тајс лансираше многу добри фудбалери на генерацијата која беше европски вицешампион пред шест годино. Веркаутерен беше незаменлив, се појави одличниот дефанзивец Грун, Де Волф и Класен.

* Култниот тренер Рајмонд Гителс, човек предодреден за финалиња и успеси

Меѓу двата успеси на националниот тим се појави блесокот на Стандард Лиеж, третиот белгиски гигант. Во сезоната 1981/82, Стандард се избори за финале на Купот на Куповите и го потврди белгискиот тренд во ова натпреварување. Екипата ја презеде Рајмонд Гителс, кој претходно освои многу трофеи со Андерлехт. Пруд Ом, Герец и Хан беа ѕвезди на таа екипа. Порто и Динамо Тбилиси беа елиминирани на патот до финалето на „Камп Ноу“. Во завршниот дуел четата на Гителс имаше малер да се соочи со Барса на Удо Латек. Симонсен и Кини приредија пресврт и го поништија водечкиот гол на Вандермисен. Клубот од Лиеж не го повтори успехот, но остави генерација која се памети. 

Следната година Андерлехт се избори за финале на најмасовното клупско натпреварување во Европа, УЕФА Купот. Новиот тренер Пол ван Химст ги збриша Валенсија и чешки Бохемијас и закажа финален двомеч против Бенфика на Ериксон. Со голот на Бруле, Белгијците го добија првиот натпревар со 1-0, а Лозано го постигна златниот гол на „Да Луж“ и со севкупни 2-1, Андерлехт го освои петтиот европски трофеј. И следната година белгискиот гигант од Брисел, воден од Ван Химст, се надмина себеси. Против Спартак Москва и Нотингем Форест беше аутсајдер, но успеа да ги елиминира ривалите. Ривал во финалето беше Тотенхем, кој на патот до финалето беше подобар од жилавиот Хајдук. Во едно од најдраматичните финалиња, по 1-1 на двата натпревари и продолженија на реваншот на „Вајт Харт Лејн“, пеналите решаваа за победникот. Тони Паркс ги одбрани пеналите на Олсен и Гудјонсен и титулата остана во Англија. Младиот Шифо, Данците Арнесен и Олсен и Алекс Черњатински им се претставија на јавноста како фудбалери за респект. 

* Анонимниот Мехелен во три месеци од никаде, до два европски трофеи

Четвртиот белгиски гигант во Европа се роди во доцните осумдесетти. Мехелен на холандскиот стручњак Ад де Мос имаше неколку години европска бајка. Во сезоната 1987/88 преку Динамо Минск и Аталанта на Каниџа, Мехелен се избори за финале во Стразбур против фаворитот Ајакс. Иако со Босман, Блинд, Виџге холандскиот првак беше фаворит, Мехелен извојува победа од 1-0 со голот на Ден Боер и режираше една од најголемите сензации во европските клупски натпреварувања. Холандските екипи му лежеа на тренерот Де Мос. Три месеци по освојување на Купот на Куповите, Мехелен го освои и Суперкупот на Европа. Во дуелот со европскиот првак ПСВ Ајндховен на Гус Хидинк и Ромарио, Мехелен славеше со 3-0 во Белгија со два гола на Босман и еден на Де Вилде. Поразот на „Филипс стадиум“ од 1-0 беше безболен и започна славјето во малиот белгиски град. 

Најуспешната белгиска екипа во Европа. Андерлехт се избори за четврто финале на Купот на Куповите. Омиленото натпреварување на гигантот од Брисел донесе финалето против Сампдорија во сезоната 1989/90. Ждрепката ги посака избраниците на новиот тренер на Андерлехт, Ад де Мос (дојде од Мехелен) и лесно беа победени Адмира Векер и Динамо Букурешт на патот до финалето. Но, Сампдорија на Бошков и Вијали и Манчини извојува тешка победа по продолжението. Џанлука Виали во екстра времето постигна два гола, во 105-та и 108-та минута и клубот од Џенова го освои првиот европски трофеј. 

Четири години по блесокот на Мехелен, соседниот Антверпен беше на нозе. Во сезоната 1992/93, Ројал Антверпен на Валтер Мевс сензационално дојде до финалето на Купот на Куповите.  Но, екипата беше одлично структуирана и добро водена. Стојановиќ на голот, Јаковљевиќ во организацијата на играта, Германецот Леноф, капитенот Смитс и Черњатински во нападот направија неколку подвизи на патот до финалето на „Вембли“. Тешко беше победена Стеауа во четвртфиналето и Спартак Москва во полуфиналето. Сепак, Парма на Невио Скала беше пресилен ривал за белгиското изненадување. Миноти, Мели и Кули ги постигнаа головите во победата од 3-1. а Северејнс беше автор на единствениот гол за Ројал Антверпен.

Новиот бран се појави на У21 Европското првенство во Холандија, летото 2007 година. Генерацијата на Фелаини, Миралес, Мертенс, Витсел стигна до полуфиналето, каде загуби од Србија со 2-0. Сепак, тоа беше најава дека доаѓа надежна белгиска генерација. Откако во Париз во 1928 година се изборија за четвртфинале, белгиските фудбалери чекаа осумдесет години за учество на олимписки фудбалски турнир. Во Пекинг 2008 година младата белгиска генерација на Компани, Фелаини, Вертонген, Дембеле стигна на чекор до медал. Во полуфиналето убедливо загуби од Нигерија со 4-1, а подоцна во натпреварот за третото место „кариоките“ беа подобри и славеа со 3-0, освојувајќи го бронзениот медал. Олимиското злато го грабна Аргентина, предводена од Меси, Агуеро и Ди Мариа. 

* Ромелу Лукаку на Светското првенство во Бразил 2014 година

По децении на барање и откривање на нова генерација, поранешните „бисери“ на У21 Европското првенство, се појавија како зрели фудбалери на Светското првенство во Бразил во 2014 година. Водени од легендата Марк Вилмотс, „ѓаволите“ впишаа три победи во група со Алжир, Јужна Кореја и Русија и на голема врата дојдоа до нокаут фазата. Во отворен и многу драматичен дуел, по продолжение беа совладани Соединетите Американски Држави на Клинсман со 2-1. Де Брујне и Лукаку во екстра времето ги постигнаа головите за четвртфинале против Аргентина. Сепак, тука беше лимитот на оваа белгиска селекција, бидејќи „гаучосите“ на Сабеља беа поискусни и одиграа позрело. Гонзало Игуаин во осмата минута го постигна единствениот гол вреден полуфинале.

Две години подоцна како еден од фаворитите за титула Белгија на Вермален, Компани, Вертонген, Азар, Де Брујне. Лукаку дојде на Европското првенство. Сите детали насочуваа кон голем успех. Селекцијата на Вилмотс загуби од Италија на стартот, но без проблем ја мина групната фаза. Со лесна победа над Унгарија со 4-0, Белгијците заминаа во за нив соседниот Лион на мегдан со изненадувањето Велс за пласман во полуфиналето. Сите централни дефанзивци на Вилмотс му беа повредени и казнети, па приморан беше да составува импровизирана одбрана. Во исклучително лошо одигран натпревар, Белгија загуби со 3-1 со головите на Вилијамс, Робсон-Кану и Воукс и Вилмотс заработи отказ.

* Еден Азар по заверувањето на третото место на Светското првенство во Русија

Брзо беше пронајдена замена во успешниот шпански менаџер, а анонимен фудбалер, Роберто Мартинез. Со успесите во Виган и Евертон, Мартинез дојде од Евертон и го поведе со себе Тјери Анри како прв асистент. По перфектните квалификации и групна фаза, првите проблеми за Азар, Де Брујне, Куртоа дојдоа во осминафиналето против Јапонија. Азијците водеа со 2-0, но резервите на Мартинез донесоа целосен пресврт и победа од 3-2 со гол на Чадли во судиското надополнување. Со неубедливо осминафинале Белгија како аутсајдер дојде на мегдан со Бразил на Тите и Нејмар. Но, во половина час Фернандињо си даде автогол, а еврогол постигна Де Брујне и натпреварот се насочи како што сакаат Белгијците. Бразил се отвори, Ренато Аугусто постигна гол во 76. минута, но резултатот не се менуваше и Белгија првпат на Мундијал го совлада големиот Бразил. Израмнет беше резултатот од Мексико 1986 година, а Франција стоеше на патот до големото финале. На 10 јули во Санкт Петерсбург, Франција на Дешамп тактички тврдо и помалку дефанзивно влезе во натпреварот. Таа одлука на младиот тренер даде резултат и Умтити со глава по центаршутот на Гризман во 51. минута донесе победа и место во финалето. Најголемиот белгиски успех беше потпишан со победата против Англија во натпреварот за третото место против Англија. Муние во почетната и Азар во завршната фаза го совладаа Пикфорд за победа од 2-0, трето место и најголем успех во историјата.  

Македонските интернационалци оставиле силна трага во белгискиот фудбал. Јаневски, Николовски, Пачовски останаа долго и најдобро се имплементираа во белгискиот стил на фудбал и живот. Понекогаш беше потешко да се стигне до една така престижна лига, но денес е многу полесно. Ова е деценија на репрезентативен процут и големи проблеми на клубовите, лигата и натпреварувачкиот систем за белгискиот фудбал.

Зоран Мишевски