Клоп: Ќе донесеме квалитетни засилувања, ние сме шесткратен европски првак!

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, зборуваше за англиските медиуми на прес-конференцијата во пресрет на последниот сезонски натпревар во Премиер лигата против екипата на Саутемптон. 

„Црвените“ ги загубија сите шанси за пласман во Лигата на шампионите, а медиумите не испуштија да го прашаат Клоп за плановите за идната сезона. Ливерпул ќе се натпреварува во Лига Европа, а тоа беше оквалификувано како неуспех од новинарите. 

„Атмосферата во соблекувалната не е лоша. Била и подобра, но и сега не е воопшто лоша. Играчите се свесни што направивме сезонава, имавме ужасен почеток, но на крајот успеавме да се издигнеме и да се искачиме на табелата. Некогаш работите не се одвиваат како што посакуваме и мораме да го прифатиме тоа. 

Што се однесува до потенцијалните засилувања, мислам дека е сè уште многу рано да зборуваме за тоа. Имаме листа на играчи кои сакаме да ги доведеме, но таа мисија допрва ќе започне. Што повеќе сакаш некој играч, толку повеќе клубот не сака да го пушти и одредува превисока цена за транфер. Ние сме Ливерпул и не верувам дека неучеството во Лигата на шампионите силно ќе влијае на нашиот играчки кадар следната сезона. Постојат квалитетни фудбалери кои едвај чекаат повик од овој клуб, ова е шесткратен европски првак, нема што да се плашиме и да стравуваме дека некој ќе нè одбие“, изјави Клоп. 

Медиумите го прашаа германскиот тренер и за изјавата на Мохамед Салах кој напиша дека „нема никакво оправдување за лошата сезона“ и упати големо извинување до навивачите. 

„Мислам дека сите можеме да се сложиме со Салах. Тоа што го напиша е реалност и гола вистина. Ги замолувам сите медиуми да не прават драма од таа изјава. Салах напиша искрено што му лежи на душата и тоа мора да биде прифатено со почит и без искривување на реалноста. Факт е дека нема да играме во Лигата на шампионите, тоа го сфатив на неколку натпревари пред крајот на сезоната. Мораме да останеме ментално силни и следната сезона повторно да се најдеме таму каде што заслужуваме“, заклучи Јирген Клоп.  

Екипата на Ливерпул ќе остане „закована“ на петтото место во Премиер лигата, без оглед на резултатите во последното коло. „Црвените“ имаат четири бода предност пред шестопласираниот Брајтон, но и четири бодови помалку од Њукасл кој е на четвртото место.

Навивачите се обидуваат да ја „фрлат“ оваа сезона во заборав и се надеваат дека следната кампања ќе бидат сведоци на многу подобри изданија од нивните миленици.