• Мартин Танасковски

Екипата на Гостивар си ја заврши задачата и се врати на победите. Со домашен триумф над Слога Виница (5-0) тимот ја прекина кризата во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) и го презеде второто место по некомплетното 21. коло.
- Гостивар - Слога Виница 5-0:
Гостиварчани имаа два реми исхода со Воска Спорт и Пелистер во изминатите две кола, па тоа ги стави во подредена ситуација во однос на конкурентите. Мора да се спомене и санкцијата од три бода која Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) му ја изрече на клубот поради случајот Гордијан Христовски и фактот дека дресот на екипата го носеше играч без право на настап.
Фаворитот на хартија доминираше и со леснотија го победи тимот од Виница. Човек на натпреварот беше Антонио Каланоски, кој постигна хет-трик во противничката мрежа во првото полувреме и така Гостивар ја верификува победата. Четвртиот гол беше дело на уште еден напаѓач, тоа е Стојанчо Велинов кој погоди во вториот дел, додека петтиот го даде Сухејб Рушити по еден корнер со глава.
Убедлива во својот натпревар беше и екипата на Беса, која дома ја доби струмичка Беласица со резултат 3-0. Трите гола на овој дуел паднаа во првото полувреме, а стрелци беа Хакан Лимани во 4. минута, Генц Гаши во 18. минута како и Зани Назифи во 45. минута.
Колото од ВМФЛ ќе продолжи утре (недела) кога се играат уште пет натпревари, а ќе биде комплетирано во во среда кога е закажан дуелот меѓу Воска Спорт и Пелистер.