Изборот никогаш поголем – кој ќе биде македонски фудбалер на годината?

На 21 декември Фудбалската федерација на Македонија ќе ја одржи својата традиционална гала церемонија, на која ќе ги прогласи најдобрите во фудбалскиот спорт во нашата земја. Како никогаш досега постои голема конкуренција за изборот најдобар наш фудбалер кој игра во странство, наследник на Енис Барди (најдобар интернационалец) и Стефан Спировски (најдобар фудбалер во Македонија) за минатата година.

Бобан Николов
Го освои унгарскиот шампионат и влезе во групната фаза на Лига Европа, каде неговиот Видеотон има реални шанси да презими во нокаут фазата. Нашиот фудбалер за врска се имплементираше во екипата и унгарскиот шампионат, а и во континутет е повикуван во националниот тим.

Ељиф Елмас
Година на дефинитивен исчекор на 19-годишниот бисер. Најнапред кај Филип Коку, а потоа и кај Ервин Куман, поливалентниот фудбалер за врска израсна во незаменлив член вo средниот ред на Фенербахче и неговата цена на пазарот вртоглаво расте. За довербата која во него ја има селекторот Ангеловски и не треба да се трошат зборови. 

Стефан Ристовски
Втората сезона во Примеира на Стефан Ристовски му донесе стандардно место во тимот по заминувањето на Пичини во Валенсија. Екипата игра променливо, менува тренери, но Стефан си го најде своето место во една од најкултните португалски екипи на сите времиња.

Енис Барди
Ѕвездата на Леванте дефинитивно има година за паметење. Одигра беспрекорна сезона во Примера, му даде два гола на првакот Барса, го освои „Сантијаго Бернабеу“, а стана неприкосновен мајстор за слободни удари. Во репрезентацијата е „мозокот“ на тимот, а годината ја заврши со два прекрасни гола против Лихтенштајн и Гибралтар. 

Стефан Спировски
Репрезентативниот фудбалер за врска игра во одлична форма во доминаторот во унгарскиот шампионат, Ференцварош и е лидер во есенскиот дел од сезоната. Битолчанецот веќе зрело ја води и својата селекција и од денешна перспектива трансферот во Унгарија беше полн погодок.

Аријан Адеми
Првак на Хрватска и еден од најатрактивните фудбалери за врска за европскиот и не само европскиот пазар. Неправдата со допинг-скандалот ја остави зад себе и Адеми го води Динамо првпат по децении до европска пролет во Лига Европа. Се поактуелен е негов трансфер во јануари во Франција или Саудиска Арабија. 

Александар Трајковски
Десетката на Палермо го израмни рекордот на Артим Шаќири во репрезентацијата, а и во сицилијанскиот клуб е важен елемент во обидот во втората сезона во Серија Б, клубот да обезбеди промоција. Италијанската јавност е преполна со комплименти за сега веќе искусниот Трајковски.

Илија Несторовски
Човекот кому голот му е во крвта го врати својот гол-инстикт и повторно е страв и трепет за противничките одбрани и голмани. Годинава и со капитенската трака на раката, прилепчанецот потсеќа на своите денови во Серија А кога скоро да немаше тим на кој не му ја затресе мрежата.

Езџан Алиоски
Кога секојдневно учите од Марсело Биелса невозможно е да не напредувате. Алиоски во дресот на Лидс ја достигна својата зрелост и станува респектабилен член на некогашниот премиерлигашки шампион. Во селекцијата добива шанса на повеќе позиции и важи за корисен и тактички битен фудбалер. 

Сигурно во сите комбинации е нашиот лидер и капитен на националниот тим, Горан Пандев. Ја водеше националната селекција до првото место во групата на Лига на нации, постигна гол кој е кандидат за најубав во 2019 во Серија А, а доби и неколкуминутни овации на „Џузепе Меаца“. 

Федерацијата ќе има тешка задача да го избере најдобриот. Годинава Македонија загуби само еден натпревар, се врати на респектабилно место на ФИФА листата, а обезбеди и завршен турнир на Лигата на нации. Нека биде вака неизвесно и богато со кандидатури и следната година.