Инвазија на „росонери“ кон Реџо Емилија за клучниот меч против Сасуоло

Екипите на Милан и Интер до последната минута во оваа сезона на Серија А ќе се борат за скудетото. „Росонерите“ се во пол-позиција, во последното коло им е потребен барем бод за математички да бидат шампиони, додека ривалот се надева на кикс. 

Средбата ќе се одигра во Реџо Емилија на стадионот „Мапеи“, а за неполн час беа распродадени сите билети во слободна продажба.Трибините собираат околу 21.500 навивачи, околу 3.000 фанови на Сасуоло имаат сезонски билети, а сите останати карти беа експресно продадени. 

Во еден момент преку 110.000 луѓе чекаа ред за онлајн да купат билет, што е неверојатен интерес за стадионот на Сасуоло. 

Интересот за билетите беше огромен, „росонерите“ најавија инвазија кон Реџо Емилија, а веројатно така и ќе биде. Се очекува огромна бројка на фанови на Милан, кои се надеваат дека по 11 години ќе го вратат трофејот во Серија А.