• Мартин Танасковски

Екипата на Милан успеа да се врати на тронот на Италија по единаесет години со победата на гостувањето кај Сасуоло (0-3), а триумфот се прослави бурно.
На „Мапеи стадиум“ во Реџо Емилија имаше повеќе навивачи на Милан отколку на Сасуоло. Скоро цел стадион беше обоен во „црвено-црно“, а по последниот судиски свиреж следеше ерупција и голема радост.
Навивачите на „росонерите“ влетаа на теренот и славеа со играчите кои херојски ја одиграа оваа сезона и го детронизираа Интер. Пресуден за „нераѕурите“ беше киксот со Болоња во одложениот меч.
Милан го освои првото скудето по 2011 година и на листата се изедначи со Интер, сега и двата милански тима имаат по деветнаесет трофеи. Оваа титула ќе донесе и добра финансиска заработка за калчолигашот.