Интер пак прв фаворит за „скудетото“, Наполи и Елмас дури петти

Во пресрет на новата сезона во Серија А која стартува следниот викенд со натпреварите од првото коло, очекувано, букмејкерите ги одредија фаворитите за титулата. 

Исто како и лани, прв фаворит за „скудетото“ во пресрет на сезоната е екипата на Интер. „Нераѕурите“ го вратија Ромелу Лукаку, се засилија со Михтарјан, Онана, Аслани и Беланова, па повторно имаат комплетен тим и силна ротација. Веднаш на второто место зад нив, со речиси исти шанси, му се даваат на Јувентус. „Старата дама“ лани го доведе Влаховиќ, а летово успеа да ги договори Погба и Ди Марија, па значително е засилена. 

Третото место му припадна на актуелниот првак Милан. Бранителот на тронот немаше премногу активен трансфер рок, ги доведе Ориги, Адли и е пред потпис со Де Кетелар. Интересно, но веројатно и очекувано во трката може да се вклучи и Рома. Тимот на Жозе Мурињо го доведе Пауло Дибала и сериозно го подобри квалитетот. Петтото место е резервирано за Наполи и Ељиф Елмас, кои котираат пред Аталанта и Лацио. 

Новата сезона во Серија А стартува на 13 август.