Ибра пак се повреди и нема да игра против Ливерпул!

Вечерва со осум натпревари и официјално стартува новата сезона во Лигата на шампионите. Дерби на првиот ден несомнено е дуелот меѓу Барселона и Баерн Минхен, додека утре во центарот на вниманието ќе биде натпреварот на „Енфилд Роуд“ меѓу Ливерпул и Милан.

Јасно е дека Ливерпул ќе ја има улогата на фаворит против Милан, кој по подолго време се врати во европската елита, но со оглед на одличниот старт во Серија А, нема да биде изненадување доколку „росонерите“ стигнат до поволен резултат.

Викендов, Милан славеше над Лацио со 3-0, а на тој натпревар Стефано Пиоли по подолго време можеше да смета на Златан Ибрахимовиќ, кој поради повреда беше надвор од терените. Многумина беа среќни на враќањето на Ибра и очекуваа тој да биде во конкуренција за натпреварот против Ливерпул, но денес доаѓа разочарувачка вест од Италија.

Имено, медиумите на Апенините објавија дека Ибрахимовиќ нема да патува со тимот во Ливерпул и дека ќе го пропушти утрешниот натпревар поради повреда. Медиумите од Ломбардија најавија дека Ибрахимовиќ сигурно нема да игра, бидејќи има проблеми со Ахиловата тетива.