Хрватите со анализа за кризата на Ријека: Трансферот на Ристовски една од главните причини

Стефан Ристовски

Минатата сезона екипата на Ријека ја направи најголемата сензација на хрватскиот шампионат во последните децении откако по 11-годишната доминација на Динамо Загреб успеа да се закити со шампионската титула – прва во нејзината фудбалска историја. 

Сепак, во новата сезона, а посебно во последните месец дена, Ријека се соочува со голема резултатска криза и веќе заостанува цели 12 бода во однос на првопласираниот Динамо Загреб. Поради ваквите случувања во таборот на шампионот, хрватскиот медиум „Нови лист“ направи анализа за причините за моменталната криза во редовите на Ријека. 

Очекувано, една од главните причини е заминувањето на нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој при крајот на летниот трансфер-период ги засили редовите на Спортинг Лисабон и ја остави Ријека на „цедило“ во квалификацискот плеј-оф на Лигата на шампионите против грчки Олимпијакос

Од медиумот наведуваат дека заминувањето на Стефан во Португалија драстично ја наруши хемијата во тимот, но и атмосферата во соблекувалната. Исто така, како водечки причини се споменуваат и лошата трансфер-политика, како и случајот со Гаврановиќ.