Христов: Греота е Вардар и Пелистер да се второлигаши!

Симеон Христов го најави ремито на Вардар против Пелистер (2-2) во рамки на Втората македонска фудбалска лига. Играчот кој погоди за „црвено-црните“, по мечот им честита и на двете екипи за добрата претстава, на навивачите за атмосферата и кажа дека овие два македонски фудбалски бренда не го заслужуваат второлигашкиот ранг.

„Ова беше одличен меч. Првото полвуреме беше за Пелистер, второто за Вардар. Ова беше меч во преубав амбиент, на добар терен. Ги поделивме бодовите, задоволни сме од натпреварот, иако можевме да победиме во финишот. Вардар, Воска Спорт, Гостивар и Пелистер може да играат со екипи од Прва лига, тоа го кажувам со сигурност.

Греота е што Вардар и Пелистер се во Втората лига. Видовме одлична посетеност на овој натпревар, навивачите и на двете екипи заслужуваат прволигашки фудбал. Сакам да им се заблагодарам на нашите навивачи „Комити“, што ја бодреа екипата и на ова гостување во Битола“, изјави Христов.

Вардар по ремито го загуби врвот во ВМФЛ. Сега „црвено-црните“ се втори, но бодовната разлика со Гостивар е само еден бод (34, наспроти 33 бода).