Ѓока и Алими едногласни: Да си ја завршиме прво задачата во Рига...

Шкендија испадна од Лигата на шампионите и се сели во Конференциската лига на УЕФА. Таму ривал на македонскиот првак ќе биде летонска Рига, која исто така играше во најелитното натпреварување, но испадна во првата рунда.

Тетовчани беа елиминирани од Мура, додека Рига во рамноправен двомеч испадна од Малме. Тренерот Ернест Ѓока пред дуелот со летонскиот тим потенцира дека се работи за силен тим и мора да се биде претпазлив.

„Рига е шампион на Летонија и е силен и компактен тим кој сака да игра офанзивно и има амбиции исто како и нас во ова натпреварување. Ги знаеме до детал и ако тимот игра онака како што знае, може да ги исполниме очекувањата. Има два натпревари и мора да бидеме солидни на овој дуел. Прво да си ја завршиме задачата во Рига, а потоа ќе говориме за реваншот“, изјави Ѓока.

Во име на Шкендија говореше и капитенот Арменд Алими, кој го дели мислењето со тренерот.

„Сигурно е дека чека силен дуел со Рига. Знаеме дека се шампиони и дека имаат квалитетен тим, мора да сме свесни дека ништо нема да се одлучи на овој прв натпревар. Реваншот во Скопје е многу важен, прво тука мора да ја завршиме работата. Мора да бидеме паметни и да знаеме што сакаме од почетокот“, изјави Алими.

Натпреварот меѓу Рига и Шкендија се игра в четврток со почеток од 19:00 часот. Македонскиот европретставник нема да може да смета на Бруно Дита, Јан Кривак и Леард Садриу.