Ганчев: Знаевме дека ќе биде тешко со Охрид, секоја чест за фудбалерите

Битолски Пелистер повторно покажа квалитет на свој терен и во дербито на 20. коло во ВМФЛ го надигра ГФК Охрид со 3-0. Горан Ганчев, помошникот на тренерот на „зелено-белите“ Бобан Бабунски, го анализираше триумфот над охриѓани и испрати честитки за одиграната партија на фудбалерите.

„Честитки за фудбалерите за одличната претстава. Знаевме дека ќе биде тврд дуел, ова ни беше трет натпревар за само шест дена. Момците собраа сили, психолошки беа спремни и секоја чест за она што го покажаа на терен. 

Пелистер има широк и квалитетен ростер на играчи, а тоа го докажаа и фудбалерите кои што влегоа до клупата. Во првото полувреме ни беше потешко, вршевме притисок на нивна половина и откако го постигнавме голот за водство веќе ни беше многу полесно. Во вториот дел брзо реализиравме уште двапати и натпреварот веќе беше решен“, рече помошникот на Бабунски.

Резултатот во Битола го отвори Томе Китановски со глава во 29. минута по корнерот на Благоја Љамчевски, а другите два гола паднаа во вториот дел - првиот беше автогол на Кадриоски по центаршут на Фазлиу, а потоа Бојан Спиркоски ги постави конечните 3-0 во 53. минута.