Фудбалерот кој го „расплака“ Ливерпул пред седум години стави крај на кариерата

Поранешниот напаѓач на Челзи и Њукасл, Демба Ба, стави крај на својата богата фудбалска кариера и замина во заслужена пензија.

36-годишниот Сенегалец, роден во Франција, зад себе остави фантастична кариера, исполнета со многу успеси, но и падови. Неговото име ќе остане запаметено како едно од најомразените кај фановите на Ливерпул, затоа што со неговиот погодок пред седум години, „црвените“ загубија од Челзи и останаа без посакуваната титула во Премиер лигата.

„Ставам крај на мојата кариера. Ова беше прекрасно патување. Покрај сета пот и солзи со кои се соочив, фудбалот ми даде многу емоции. Од страста на навивачите и вревата што доаѓаше од трибините по секој гол, до врската со моите соиграчи на теренот и надвор од него, ова засекогаш ќе остане во моето срце и глава“, соопшти Ба.

Покрај за Њукасл и Челзи, Демба Ба во Премиер лигата одигра и една полусезона во Вест Хем, а низ кариерата настапуваше уште за Хофенхајм, Бешикташ, Шангај, Гезтепе, Истанбул Башакшехир и Лугано.