• Горан Упале

Во модерниот фудбал нема премногу љубов. Фудбалерите се надеваат на што поголема заработка, а клубовите на највисоки можни достигнувања на теренот. Во една реченица - сè е бизнис. Човекот кој не толку одамна беше најдобар на светот, сега тоа го почувствува на своја кожа.
Кога Челзи на малку изненадувачки начин ја освои титулата европски првак во 2021 година, неколку играчи дојдоа до израз, меѓу кои и Жоргињо, кој УЕФА го прогласи за најдобар играч во Европа, благодарение на одличниот настап на Европското првенство со Италија.
Многумина се согласуваат дека еден човек бил целосно запоставен. Тоа е Едуард Менди, фантастичен голман и долгогодишен репрезентативец на Сенегал. Менди тогаш блесна, но не ја доби можеби заслужената награда за најдобар голман. Тој продолжи брилијантно да брани и заедно со Садио Мане ја предводеше својата репрезентација до титулата африкански шампион, а потоа и до Светското првенство во Катар.
Сепак, овој 30-годишник сега на најдобар начин почувствува зошто модерните фудбалери се потрошна роба и зошто некои клубови брзо го губат трпението со нив.
Имено, Челзи реши по секоја цена да се ослободи од Сенегалецот. Тој го скрши прстот на тренинг во јануари, заздравувањето траеше долго и Тод Боели го загуби трпението. Новиот газда на Челзи практично сака да ги замени сите играчи кои ги донесе Роман Абрамович и е на добар пат да го стори тоа.
Неговата следна цел е да се ослободи од Менди, кој пораснал во Франција како мигрант, роден во мешан брак на мајка од Сенегал и татко од Гвинеја-Бисау. Не толку одамна сонуваше соништа и леташе високо, но наиде на болно слетување и вистински „шамар“ од клубот на кој му донесе успех, за кој повеќето клубови можат само да сонуваат.
Менди уште во 2021 година почувствува што значи неправда во модерниот фудбал, кога не беше избран за најдобар голман, иако ја сочува мрежата на девет натпревари во Лигата на шампионите.
„Не сум вклучен во листата на кандидати за „Златната топка“. Ќе си поставам прашање. Да ја изберев Франција и на тој начин да настапувам на Европското првенство, дали работите ќе се сменеа?“, изјави тогаш Менди.
Некои медиуми шпекулираат дека целта на Боели е да го продаде Менди, за да може да доведе уште еден Африканец, Андре Онана од Интер.