„Елмас вреди 70 милиони евра? Мора да има роднини во ЦИЕС...“

Фудбалската опсерваторија и истражувачки центар (ЦИЕС) објави вредност на повеќе фудбалери и состави листа од играчи кои најмногу вредат на своите позиции, а македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас е проценет на 70 милиони евра.

Италијанскиот брокер Џузепе Канеља говореше за проценката на играчите и во интервју за „Радио Пунто Нуово“ во кое меѓу другото анализираше и теми за италијанскиот фудбал од финансиски аспект, го спомена Ељиф Елмас и кажа дека неговата вредност не може да е толкава.

„Ељиф Елмас е проценет на 70 милиони евра од ЦИЕС? Тој е добар играч, но дефинитивно не вреди толку многу пари. Веројатно е дека има некои роднини во ЦИЕС...“, изјави Канеља во интервјуто.

Сепак, македонскиот репрезентативец ја игра најдобрата година во кариерата. Одличен е за Наполи под водство на Спалети, редовно се наоѓа во првиот тим, дојде до бројката од 100 настапи, а покрај настапот на ЕП 2020 со Македонија, по пензионирањето на Пандев се наметна како лидер и како најдобар стрелец го донесе националниот тим во позиција да игра и мундијалски бараж.